ПРОФИЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
ВОВЕД
ГЕОГРАФИЈА И КЛИМА
Република Македонија се наоѓа во југоисточна Европа, во централниот дел на Балканскиот Полуостров, и има површина од 25.713 км2. Нејзиниот релјеф се карактеризира со големи и високи планински масиви, меѓу кои се протегаат широки и рамни долини и низини. Низ средишниот дел поминува најголемата река во земјата, Вардар.
Речиси целата територија на Македонија се наоѓа на географска широчина од 40° и 42°. Земјата се граничи со Србија и Косово на север, Бугарија на исток, Грција на југ и Албанија на запад. Република Македонија има значајна географската положба како централна балканска држава, што се граничи со пет држави различни по својот стопански потенцијал и развиеност. Тие се упатени на меѓусебна трговска размена и дополнување на нивните економии, токму преку територијата на Република Македонија. Од друга страна, Република Македонија е главен транзитен пат за испорака на стоки од Грција преку Балканот кон источна, западна и централна Европа и преку Бугарија кон исток.
Република Македонија се наоѓа во зоната на централно европско време (GMT + 1).
Климата во Република Македонија се класифицира како преодна помеѓу медитеранска и континентална. По должината на речните долини на реките Вардар и Струмица, климата е умерено-медитеранска. Во внатрешноста, климата е претежно континентална со топли и суви лета, како и студени и влажни зими.
Република Македонија е земја што изобилува со природни богатства и убавини. Бројот на сончеви денови во Македонија ја надминува бројката од 240, што укажува на големиот потенцијал за искористување на сончевата енергија. Планините што зафаќаат 75% од територијата изобилуваат со разновиден и ендемски (на пример, моликата) шумски фонд, богат воден потенцијал, висококвалитетни пасишта и пештери чијашто убавина го одзема здивот. Македонија е исто така езерска земја со голем број езера, три големи тектонски и над 35 помали планински леднички езера. Речната мрежа е распространета на целото подрачје на Македонија, наводнувајќи ги плодните алувијални почви на кои растат висококвалитетните и надалеку познатите македонски зеленчук и овошје. Тука се и многубројните минерални, топли и солени извори и водопади, како и рудните богатства меѓу кои е и минералот лорандит од рудникот Алшар, кој го има единствено во Република Македонија.
НАСЕЛЕНИЕ
Според последните официјални податоци од пописот во 2002 година, во Република Македонија живеат 2.022.547 граѓани (2.063.723, проценка 2013). Густина на населението изнесува 80 жители на км2. Најголемиот дел од населението го сочинуваат Македонци (64,18%), потоа Албанци (25,17%), Турци (3,85%), Роми (2,66%), Власи (0,48%), Срби (1,78%), Бошњаци (0,84%) и други етнички групи (1,04%).
Службен јазик е македонскиот. Во општините во кои живеат етнички групи чијашто застапеност изнесува над 20% од вкупното население во општината како службен јазик, покрај македонскиот, се употребува и јазикот на таа етничка група.
Главен административен центар на Република Македонија е Скопје. Во главниот град Скопје – политички, административен и економски центар на Република Македонија – живеат 668.518 жители. Други поголеми градови се: Битола – 80.550; Куманово – 76.272; Прилеп – 69.704; Тетово – 52.915; Велес – 43.716; Охрид – 42.033; Штип – 40.016; Гостивар – 35.847; Струмица – 35.311 итн.
Бројот на општини изнесува 84, бројот на населени места е 1.776, од кои 34 се градови.
ИСТОРИЈА
Македонија има турбулентна историја, а нејзиното име, историја и територија често биле предмет на претензии од соседните народи.
Историјата на земјата најчесто се поврзува со античка Македонија и со владеењето на Александар Македонски (356-323 п.н.е.), чијашто империја ја опфаќала територијата од Европа до Египет и Индија. Во вториот век пред Христа, Македонија станува провинција на Римската Империја, додека по распадот на Римското Царство во 395 година, Македонија потпаѓа под Источното Римско Царство или Византија.
Во седмиот век Македонија ја населуваат и Словените, кои брзо потпаѓаат под власта на Византија и на бугарските империи. Првата македонска држава е воспоставена во десеттиот век од страна на цар Самуил, но по неговиот пораз на Беласица од страна на византискиот император Василије, македонската држава повторно влегува во состав на византиската империја сè до крајот на 14 век, кога под налетот на Отоманската Империја од исток Византија се распаѓа, а сите нејзини територии, вклучувајќи ја и територијата на Македонија стануваат дел од Отоманска Империја сè до почетокот на 20 век.
По колапсот на Отоманската Империја и двете балкански војни (1912-1913), политичката мапа на Балканот радикално се промени. Букурешкиот договор од 1913 година ја подели Македонија на три дела, помеѓу Грција, Србија и Бугарија. Со Версајскиот договор, потпишан на крајот на Првата светска војна, Македонија стана дел од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, територија што подоцна стана Кралството Југославија. За време на Втората светска војна, Македонците, заедно со другите народи на Југославија, се бореа против Силите на оската. Тие се придружија на партизаните на Јосип Броз Тито и во 1944 година ја ослободија својата земја од окупаторите.
На крајот од Втората светска војна, се создаде независна Република Македонија, која стана една од шесте република во рамки на Социјалистичката Федеративна Република Југославија (СФРЈ). Во текот на деведесеттите години од минатиот век, зголемената политичка слобода и зголемените тензии помеѓу југословенските народи доведоа до распаѓање на Федерацијата. На референдум за сувереност, граѓаните на Република Македонија гласаа за независност и формирање на своја држава на осми септември 1991. Во ноември 1991 година, македонското собрание го изгласа Уставот, а во 1993 година Македонија влезе во ОН.
МЕЃУНАРОДНИ ОДНОСИ
Република Македонија беше примена во ОН во 1993 година, стана член на Советот на Европа во септември 1995 година, додека во ноември 1995 година влезе во програмата Партнерство за мир на НАТО.
Во јануари 1996 година, Република Македонија воспостави дипломатски односи со Европската унија, со која во 2001 година ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
Република Македонија е член на Светската банка од 1999 година и член на Асоцијацијата за Меѓународен развој од 1993 година. Во 2003 година, Македонија стана член на Светската трговска организација (СТО). Република Македонија исто така е член на: ЦЕИ, ЕБРД, ФАО, ИАЕА, ИБРД, ИФЦ, ИМФ, Интерпол, ИОЦ, ИОМ (observer), ИСО, ОБСЕ, УНЦТАД, УНЕСКО и многу други меѓународни организации.