ФИНАНСИСКИ СИСТЕМ

Финансискиот систем во Република Македонија се состои од: Народната банка на Република Македонија (НБРМ), комерцијалните банки, штедилници, менувачници, Фондот за осигурување депозити, осигурителни компании, инвестициски фондови, пензиски фондови, компании за управување со фондови, компании за лизинг, брокерски куќи и берзата.



БАНКИ

Банкарскиот систем се состои од 17 банки (15 приватни банки, едно претставништво на странска банка и државната Македонска банка за поддршка на развојот) и четири штедилници. Според Законот за банките, банка мора да се основа како акционерско друштво со седиште во Република Македонија. Банките се должни да ги следат пропишаните супервизорски стандарди во поглед на солвентноста и адекватноста на капиталот, менаџментот на ризик, лимитите на изложеност, инвестиции, ликвидност. Штедилниците се ограничени во нивните банкарски активности и услуги (заштеди и заеми) за физички лица, некои од нив нудат и микро-кредитен тип на финансирање.

Според Законот за банките, странска банка може да влезе во македонскиот банкарски пазар преку претставништво (со одобрение на гувернерот) и подружница или филијала (со дозвола од гувернерот).

Трите најголеми банки се: Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје (каде што Националната банка на Грција е главен акционер) и НЛБ Тутунска банка АД Скопје (каде што НЛБ Љубљана, Словенија, е главниот акционер) и заедно поседуваат повеќе од 60% од нето-средствата во банкарскиот систем.

Банкарскиот систем сè уште е мал и има релативно ниско ниво на финансиско посредување. Каматните стапки на благајничките записи на НБРМ изнесуваа 3,25% во 2013 година. Просечните стапки на комерцијални кредити во денари изнесуваа 8,2% во 2013 година.



РАЗВОЈНИ ФОНДОВИ И ПРОГРАМИ

Постојат многубројни развојни фондови и програми што го поддржуваат развојот на бизнисот на национално ниво, а пред сè на малите и средните претпријатија. Најголем дел од нив се нудат од развојни финансиски институции, донаторите и голем број проекти. Владата ги поддржува стратешките потсектори со субвенции и извозни стимулации. Најдобар начин да се информирате е директно да се обратите доАгенцијата за поддршка на претприемништвото, Македонската банка за поддршка на развојот, стопанските комори и меѓународните донаторски организации.



ПОДДРШКА НА МАЛИ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА

Поддршка за мали и средни претпријатија во Република Македонија се добива преку различни владини активности, општински активности, проектни и донатори. Постојат многубројни програми за поддршка во форма на обуки, инвестиции, опрема, маркетинг и промотивни активности што можат да се добијат како грант или долгорочен кредит. Секретаријатот за европски прашања (СЕП), како дел од владата, е надлежен за водење евиденција на сите видови на расположлива помош. Повеќе информации можете да добиете на интернет-страницата на Централната база на податоци за странска помош на владата на Република Македонија.



КРАТКОРОЧНО КРЕДИТИРАЊЕ НА СТОПАНСТВОТО

Краткорочни кредити се нудат од сите комерцијални банки во Република Македонија во форма на заеми или должничко салдо (според годишниот обрт). Каматната стапка на краткорочните кредити е во висина на есконтната стапка на Народна банка на Република Македонија.



ПОДДРШКА НА ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ ЗАНАЕТИ

И занаетчиите во Република Македонија добиваат поддршка преку кредитните линии на комерцијалните банки или преку донатори. Информации за расположливите средства за оваа намена можат да се најдат во Централната база на податоци за странска помош на Влада на Република Македонија и во Занаетчиската комора на Република Македонија, како и во нејзината регионална организација во Струмица.