ЗАКОНСКА РАМКА ЗА АКТИВНОСТИТЕ И СТРУКТУРАТА НА ПРАВНИТЕ СУБЈЕКТИ
Законот за трговски друштва (Службен весник на РМ, бр. 28/2004) е основен закон со кој се регулирани активностите и структурата на правните субјекти. Со овој закон се уредуваат разните видови на трговски друштва, процедурите на нивното основање и регистрација, висината на основната главнина, времетраењето на друштвото, начинот на управување и застапување, правата, обврските и одговорностите на основачите, како и нивните меѓусебни односи, начинот на распоредување на добивката и покривањето на евентуалната загуба, обврската за водење на сметководство, обврската за водење на трговски книги, обврска за составување на годишни сметки и финансиски извештаи, чувањето на трговските книги, сметководствените документи, престанок на друштвата и други прашања значајни за организацијата и работењето на трговските друштва.
ИМОТ НА ТРГОВСКИТЕ ДРУШТВА
Регистрираното трговско друштво, како правно лице, може да стекнува права и да презема обврски, да стекнува сопственост на подвижни (возила, компјутери) и недвижни ствари (деловни простори, земјиште), како и да стекнува други права што имаат имотна вредност.
ТРЕТМАН НА СТРАНСКОТО ПРАВНО ЛИЦЕ СО РЕГИСТРАЦИЈАТА
Трговското друштво (основано од странски физички и правни лица) со уписот во Централниот регистар стекнува својство на домашно правно лице. Новоформираното друштво има својство на домашно правно лице и за него важат и се применуваат македонските законски прописи.
РЕГУЛИРАЊЕ НА СОПСТВЕНОСТА И СОПСТВЕНИЧКИТЕ ПРАВА НА СТРАНСКИТЕ ДРЖАВЈАНИ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Право на сопственост можат да стекнуваат сите домашни и странски физички и правни лица, под услови и начини предвидени со Законот за сопственост и други стварни права (Службен весник на РМ, бр. 18/2001).
-
Странски физички и правни лица можат да стекнат право на сопственост врз подвижни ствари под исти услови, како и домашните физички и правни лица;
-
Странски физички лица можат со наследување да стекнат право на сопственост врз недвижни ствари во РМ под услови на реципроцитет. Исто така, странски правни лица можат под услови на реципроцитет да стекнат право на сопственост врз недвижни добра во РМ со наследување врз основа на тестамент;
-
Странски физички и правни лица можат под услови на реципроцитет да стекнат право на сопственост на станбен и деловен простор во РМ;
-
Странски физички и правни лица под услови на реципроцитет и претходна согласност на министерот за правда, по обезбедено мислење од надлежното министерство (Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерство за транспорт и врски) и министерот за финансии, можат да стекнат само право на долготраен закуп (но, не и сопственост) на градежно и земјоделско земјиште.
Како што е погоре наведено, со извршената регистрација на трговско друштво во РМ, друштвото добива својство на домашно правно лице и нема статус на странско правно лице.
ЦЕНОВНО КОНТРОЛИРАНИ ПРОИЗВОДИ И УСЛУГИ
Постои многу мал број на ценовно контролирани производи и услуги. Во групата на такви производи спаѓаат енергентите чиешто регулирање е од страна на независно регулаторно тело, односно Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, која е основана 2002 година со Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика (Службен весник, бр. 94/02). Комисијата одлучува за цената врз основа на свои сопствени пресметки и методологии.
ЗАШТИТА НА КОНКУРЕНЦИЈАТА
На правните субјекти што работат во спротивност со законските прописи и ги нарушуваат принципите на свесност и доверливост (поднесување на нереални изјави за потеклото на производите, процесот на производството итн.) може да им биде изречена забрана за вршење дејност и да биде побарано да извршат компензација на штетата со цел да ја спречат нелојалната конкуренција. Овие одредби се во согласност со Законот против нелојалната конкуренција (Службен весник, бр. 80/99).
Законот за заштита на конкуренцијата (Службен весник, бр. 4/05) обезбедува слободна конкуренција на домашниот пазар и ги утврдува формите на ограничување и нарушување на конкуренцијата.
РЕГИСТРИРАЊЕ НА СОПСТВЕН ПРОИЗВОД И НЕГОВА ЗАШТИТА ОД НЕЗАКОНСКО ПРОИЗВОДСТВО ИЛИ УВОЗ
Заштитата на производите од нелегален увоз (стекнување и заштита на правата на индустриска сопственост) се врши врз основа на процедурата пропишана со Законот за индустриска сопственост. Државната агенција за индустриска сопственост во Скопје е овластена за заштита на правата на индустриска сопственост. Правата од индустриска сопственост се: патент, модел и мостра, стоковен и услужен жиг и ознака на потеклото на производот.
-
Патентот е право на индустриска сопственост што обезбедува заштита на иновацијата (решение за одреден технички проблем);
-
Индустриски дизајн (нова форма на изгледот, слика, цртеж) е право на заштита на дизајнот на производот по легален пат;
-
Стоковен жиг е право на индустриска сопственост што го заштитува трговскиот знак (графичкиот дел);
-
Ознака на потеклото на производот е право на индустриска сопственост што го заштитува географското име и потекло (земјата, регионот од каде што потекнува производот).
Со овој закон правата на индустриска сопственост се гарантирани и никој друг не смее неовластено да ги користи.
СМЕТКОВОДСТВЕНИ ПРОЦЕДУРИ
Република Македонија ги применува Меѓународните сметководствени стандарди (МСС) што се објавени во Службен весник, бр. 159/2009, 164/2009, 107/201.
ПОДНЕСУВАЊЕ НА ФИНАНСИСКИ ИЗВЕШТАИ
Годишните финансиски извештаи се поднесуваат до крајот на февруари од тековната година за претходната година и опфаќаат: биланс на состојба, биланс на успех, даночна пријава и други посебни податоци.
СМЕТКОВОДСТВЕНИ, РЕВИЗОРСКИ И/ИЛИ АДВОКАТСКИ УСЛУГИ
Сметководителите и ревизорите во Република Македонија се здружуваат во разни здруженија. Сојузот на стопански комори на Македонија како седма стопанска комора ја основа Комората на сметководители со цел унапредување на работењето и решавањето на тековните проблеми на сметководствените бироа, обезбедување на стручна помош и други деловни услуги на фирмите-членки.
Регистри на овластените ревизори, како и регистри на друштва за ревизија и овластени ревизори – трговци-поединци можат да се најдат на Институт на овластени ревизори.
Адвокатите се групирани во Адвокатска комора на Македонија, која има регистар на сите адвокати во земјата. Освен во овие здруженија, информации можат да се добијат во трговските, локалните регистри, како и во канцелариите за локален економски развој на општините.
НАДВОРЕШНА РЕВИЗИЈА
Надворешната ревизија е задолжителна за средни и големи фирми. За малите фирми со помалку од 50 вработени надворешната ревизија не е задолжителна.