ОСНОВАЊЕ КОМПАНИЈА

Уставот на Македонија го гарантира еднаквиот третман на сите учесници на пазарот и правото за странските инвеститори слободно да ги пренесат и да ги вратат инвестициите, капиталот и добивката. Според Законот за трговски друштва (Службен весник, број 28/04) во Република Македонија можат да се регистрираат два вида на правни лица:

  • Трговец-поединец (физичко лице кое во вид на занимање врши некоја од трговските дејности); и
  • Трговско друштво (правно лице во коешто едно или повеќе лица вложуваат пари, ствари и/или права што ги користат за заедничко работење и заеднички ја делат добивката и загубата од работењето).
  • Трговските друштва во зависност од формата се делат на следните видови:
  • Друштво со ограничена одговорност (ДОО);
  • Акционерско друштво (АД);
  • Командитно друштво; и
  • Јавно трговско друштво.



ФОРМА НА ТРГОВСКО ДРУШТВО (ВИДОВИ НА ТРГОВСКИ ДРУШТВА)

Најчеста форма на трговско друштво во Република Македонија се друштвата со ограничена одговорност (ДОО). ДОО е трговско друштво во коешто едно или повеќе физички и/или правни лица учествуваат со по еден влог во однапред договорената основна главнина на друштвото. ДОО може да биде основано од едно или повеќе физички и/или правни лица (најмногу 50). Кога друштвото со ограничена одговорност се основа од едно правно или физичко лице, тоа се нарекува друштво со ограничена одговорност основано од едно лице (ДООЕЛ).

Во правниот промет со трети лица основачите на друштвото не одговараат лично за обврските на друштвото, но преземаат ризик за работењето на друштвото до висината на својот влог што го внеле во друштвото. Во правниот промет со трети лица ДОО за своите обврски одговара со целиот свој имот.

Друга форма на правни субјекти што е често застапена во Република Македонија е трговец-поединец, каде што физичкото лице одговара за своите обврски лично и неограничено со сиот свој имот.



ЧЕКОРИ ЗА РЕГИСТРИРАЊЕ КОМПАНИЈА

Потребни документи за регистрирање компанија

Во Република Македонија е воспоставен едношалтерски систем за регистрација на ново правно лице во кој се обединија сите правно релевантни статусни податоци за почеток на работењето и остварување на правата на деловниот субјект.

За да се регистрира ново правно лице во Република Македонија се поднесува пријава на пропишан образец за упис во Централниот регистар на Република Македонија. Со пријавата се поднесуваат и одредени документи предвидени со Законот за трговски друштва.

Во случај кога како основач на правното лице се јавува друго правно лице потребна е заверена копија на документот за регистрација на правното лице, а доколку како основач се јавува физичко лице потребна е заверена копија од документот за идентификација (лична карта).

Друштвото со ограничена одговорност (ДОО) се основа со Договор за основање на друштвото, а доколку основач е едно лице (ДООЕЛ), тогаш тоа се основа со изјава. Договорот и изјавата се потпишуваат од страна на сите основачи и нивните потписи се заверуваат кај нотар.

Договорот, изјавата и другите документи (пропишани со Закон за трговски друштва) се поднесуваат до Централниот регистар на Република Македонија.

Пред да се пристапи кон подготовка на документите за регистрација потребно е да се определи името на друштвото (во Централниот регистар да се провери дали постои друштво со исто име), седиштето на друштвото, управителот на друштвото, да се изврши проценка на основачкиот влог и да се одреди банката во која ќе се отвори жиро-сметка.

Доставување на документите

Пријавата за упис на друштвото со сите потребни документи се доставува до Централниот регистар на Република Македонија или, пак, во нивните канцеларии во сите поголеми градови низ Република Македонија. Субјектите за коишто е утврден задолжителен упис во трговскиот регистар се должни во рок од петнаесет дена од денот на стекнувањето на условите за поднесување пријава за упис во трговскиот регистар да поднесат пријава за упис, освен ако со Законот за трговските друштва и со друг закон поинаку не е определено. По истекот на три месеца од денот на стекнување на условите за поднесување пријава, Централниот регистар нема да ги запише податоците и ќе ја отфрли пријавата, освен ако не е поинаку определено со овој закон.

Како нова услуга, Централниот регистар овозможува и електронско доставување на документите, односно е-Регистрација преку овластени регистрациски агенти или самостојно доколку се поседува дигитален сертификат. Постапката се состои од три чекори: (1) обезбедување сертификат, (2) подготовка на документацијата, и (3) поднесување на пријавата. Регистрацијата се прави без никакви трошоци ниту кон Централниот регистар, ниту кон регистрацискиот агент.

Времетраење на постапката за регистрација

Согласно информацијата на интернет-страницата на Централниот регистар, времетраењето на регистрација на деловен субјект изнесува три дена преку едношалтерскиот систем.

Трошоци за регистрација на правно лице

Трошоците за регистрација на ДОО/ДООЕЛ во просек изнесуваат околу 12.000 денари.

Административната такса за регистрација на ДОО/ДООЕЛ во хартиена форма преку регистрациските канцеларии на Централниот регистар изнесува 2.399 денари.

Надоместок за услугата на проценителот за извршена проценка на основачкиот капитал што не е фиксен и зависи од видот на основните средства што се проценуваат. Нотарските трошоци зависат од бројот на основачите.

Изработка на печат – 500 до 1.000 денари.

Надоместокот за правната услуга извршена од страна на овластено лице, адвокат, не е фиксна и зависи од видот на друштвото што се регистрира, бројот на основачите и специфичностите поврзани со организациската посветеност на друштвото. На шалтерот може да се провери дали веќе постои фирма со исто или слично име. Процедурата трае еден ден. Откако ќе се завршат сите процедури ќе биде потребно само да отворите жиро-сметка во банката во која ќе одлучите да имате сметка. Основач и управител на фирма можат да бидат лица согласно Законот за трговски друштва.

Регистрирањето на правниот субјект по електронски пат преку системот за е-Регистрација е бесплатен за сите видови на правни субјекти.

Потребни дозволи за почнување на сопствен бизнис и надлежни институции за нивно издавање

Во Република Македонија постои Национална класификација на дејности, во која се наведени сите дејности со стандардни називи и шифри на дејности. За поголемиот дел од дејностите не се потребни дозволи, но постојат исклучоци за кои е потребна дозвола од надлежен орган. Најдобар извор на информации за потребата од вадење дозволи може да се добие од Централниот регистар, соодветните министерства и адвокатите.

Документи што се добиваат по регистрацијата

Со воведувањето на едношалтерскиот систем во Република Македонија постапката за регистрација на правните субјекти е забрзана и олеснета. Со завршувањето на постапката за упис во Централниот регистар, правниот субјект со Решението за регистрација на друштвото добива:

  • Матичен број на друштвото (ЕМБС);
  • Даночен број на друштвото (ДБ);
  • Документ за царинска евиденција;
  • Документ за регистрирана претежна (основна) дејност согласно националната класификација на дејности; и
  • Број на жиро-сметка од претходно избраната деловна банка.

Дополнително, правниот субјект треба да се регистрира како обврзник за Данок на додадена вредност (ДДВ).



ПОТРЕБНИ СРЕДСТВА ЗА ОСНОВАЧКИ ВЛОГ

Основната главнина на друштвото (што се состои од збирот на основните влогови) не може да биде помала од 5.000,00 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на РМ.

Влоговите што се внесуваат при основањето на друштвото можат да се состојат од пари (паричен влог), подвижни и неподвижни ствари (непаричен влог) и права што можат да се проценат и да се изразат во пари и се во зависност од изборот на основачот.

Непаричните влогови што се внесуваат при основањето на друштвото мораат да бидат проценети (да им се определи вредноста во пари) од страна на овластен судски проценител. Надоместокот за извршената проценка изнесува 50 евра во зависност од вредноста на влогот што се проценува.

Основачките влогови можат да се внесат пред поднесувањето на пријавата за упис на друштвото во Централниот регистар.

Во тој случај паричните влогови се уплатуваат на привремена сметка на друштвото, а за непаричниот влог се врши проценка од овластен судски проценител.

Со последните измени на Законот за трговски друштва предвидена е можноста содружникот паричниот влог да го уплати, односно непаричниот влог да го внесе во рок од една година од денот на извршениот упис на друштвото.

Значи, пред поднесувањето на пријавата за упис на основањето на друштвото содружникот нема обврска за уплатување на паричниот влог, ниту, пак, обврска за внесување на непаричниот влог.



СТРУКТУРАТА НА ФИРМАТА

Управител на фирмата

Управител може да биде секое деловно способно физичко лице.

Управител може да биде домашно и странско физичко лице.

За управител не може да биде избрано лице на кое со правосилна судска одлука делумно или во целост му е забрането да извршува должност поврзана со функцијата управител на друштвото сè додека трае таа забрана.

Минимална управувачка структура согласно законот

Задолжителни органи во друштвата со ограничена одговорност (ДОО) се:

Собирот на содружниците, што го сочинуваат сите содружници (основачи) и на кој се однесуваат одлуките (секој основач има право на глас сразмерно на својот удел); и

Управител кој го застапува друштвото во односите со трети лица.

Задолжително регистрирана фирма во земјата

Во Република Македонија за да можете да вршите дејност морате да бидете регистрирани согласно Законот за трговски друштва.

Странските друштва и странските трговци-поединци можат да вршат дејност во РМ преку свои подружници (регистрирани во Централниот регистар), што во прометот настапуваат во име и за сметка на странското друштво.

Закони што се однесуваат на странските фирми

Во своето работење во Република Македонија странските друштва (преку регистрираните подружници) работат според законите на Република Македонија и во работењето се изедначени со домашните физички и правни лица, освен ако со меѓународни договори не е поинаку уредено.

Во случај кога странско физичко или правно лице се јавува како основач на трговско друштво во РМ, тогаш со завршувањето на постапката за регистрирање и добивањето на Решението од Централниот регистар, новоформираното друштво стекнува својство на домашно правно лице за кое важат македонските законски прописи.

Начин на ликвидирање фирма и повраток на инвестираните средства

Потребниот период за бришење фирма по нормална постапка во Централниот регистар изнесува 22 дена.

Друштвото може да престане со работа:

  • со истекот на времето за кое е основано;
  • со одлука на содружниците; и
  • со одлука на судот.

Во овие случаи се спроведува постапка за ликвидација на друштвото. Постапката за ликвидација се спроведува кога друштвото е солвентно и трае од четири до пет месеци.

Имотот што останува по расчистувањето на сите обврски се распоредува меѓу содружниците (основачите) сразмерно на влогот што го имале во друштвото.

Кога друштвото не е солвентно, тогаш се спроведува постапка на стечај. Стечајната постапка трае од два месеца до една година, во зависност од видот на друштвото, имотот на друштвото, побарувањата и долговите.