ВИДОВИ ДАНОЦИ

Фирмите што работат во Република Македонија се даночни обврзници по основа на:

  • Данок на додадена вредност;

  • Данок на добивка;

  • Персонален данок на доход; и

  • Акцизи.



ДАНОК НА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ

Дефиниција на Данок на додадена вредност (ДДВ)

Данокот на додадена вредност (ДДВ) е општ данок на потрошувачка што се пресметува и се плаќа во сите фази на производство и трговија, како и при вршење на услугите и извоз.

ДДВ-обврзници

ДДВ-даночен обврзник е правно и физичко лице кое врши дејност на територијата на Република Македонија. Обврска за задолжителна регистрација на ДДВ имаат само оние даночни обврзници што во изминатата календарска година оствариле вкупен:

  • оданочив промет над 1.000.000 денари (30.000 евра), (вклучувајќи го данокот што отпаѓа на него, освен прометот ослободен без право на одбивка на претходен данок); или чијшто вкупен промет се предвидува на почетокот на вршењето на стопанската дејност дека ќе го надмине износот над 1.000.000 денари; или во текот на годината го надмине износот над 1.000.000 денари.

  • На малите стопански субјекти им се дава можност да избираат дали ќе бидат регистрирани како ДДВ-обврзници. Ако изберат да останат надвор од системот на ДДВ, тие се оданочуваат како финални потрошувачи и немаат право на одбивка на претходен данок.

Време на настанување на даночната обврска

Даночниот долг настанува во моментот кога е извршен прометот на доброто, односно во моментот кога услугата е целосно извршена. Доколку плаќањето е извршено пред извршувањето на прометот, време на настанување на даночниот долг е моментот кога е добиено плаќањето. При увозот на добра, време на настанување на даночниот долг е денот на настанување на обврската за плаќање на царината и другите увозни давачки или денот на внесување на доброто во земјата, кога се работи за добро што не подлежи на плаќање царина.

Висина на даночните стапки за ДДВ

Данокот на додадена вредност се пресметува со примена на пропорционални даночни стапки врз даночната основа за промет на стоки и услуги и увоз, што може да се оданочи:

  • Според општата даночна стапка од 18%;

  • Според повластената даночна стапка од 5%.

Повластената даночна стапка се применува за трговија и увоз на производи за човечка исхрана, вода за пиење од јавните системи за снабдување и одведување на урбаните отпадни води и води за наводнување на земјоделско земјиште, публикации (освен публикации што служат претежно за рекламни цели, како и публикации со порнографска содржина), семенски и посадочен материјал за производство на земјоделски растенија, ѓубрива, средства за заштита на растенија, фолии од пластична маса за употреба во земјоделството, земјоделска механизација (напомена: ќе се применува до пристапување на РМ во членство на ЕУ), лекови, медицинска опрема, помагала и други уреди, чијашто намена е за олеснување или третирање инвалидност исклучително за лична употреба од страна на лица со инвалидитет, сурово масло за производство на храна за човечка исхрана, првиот промет на станбени згради и станови во оној дел во кој тие се користат за станбени цели и кој ќе се врши во рок од пет години по изградбата (напомена: ќе се применува од 1 јануари 2012 година до 31 декември 2015 година), превоз на лица и нивниот придружен багаж, софтвер за машини за автоматска обработка на податоци и нивни единици (компјутери), услуги за одржување на јавна чистота и отпремување отпад и услуги на сместување (ноќевање) или сместување со појадок, полупансион или полн пансион во сите видови на комерцијални угостителски објекти.

Даночни ослободувања

Постојат одредени ДДВ-ослободувања. Законите за ДДВ во Република Македонија предвидуваат одредени даночни ослободувања, меѓу кои и при увоз. Со оглед на тоа што малите бизниси не се даночни обврзници, ним им е дадена можност да избираат дали ќе се обврзат да плаќаат ДДВ. Во случај да ја изберат оваа алтернатива го губат правото на даночни ослободувања.

Список на сите други даночни ослободувања можат да се најдат на интернет-страницата на Управата за јавни приходи.



ДАНОК НА ДОБИВКА

Даночни обврзници што плаќаат данок на добивка

Данокот на добивка го плаќаат правните лица-резиденти или нерезиденти, за добивката што ја остваруваат од вршење дејност на територијата на Република Македонија.

Правното лице се смета дека е резидент доколку е регистриран согласно Законот за трговски друштва или доколку има седиште на територијата на Република Македонија.

Резидентите се оданочуваат за добивката што ја остваруваат во земјата и странство, додека нерезидентите се оданочуваат само за добивката што ја остваруваат од деловната активност на територијата на Република Македонија.

Даночна основа за пресметување на данок на добивка

Даночната основа на данокот на добивка за соодветниот даночен период (една календарска година) претставува износот на непризнаените расходи и помалку искажани приходи.

Даночната стапка

Стапката на данокот на добивка е 10%.

Даночни олеснувања и ослободувања во однос на данокот за добивка

Обврзникот кој е корисник на технолошка индустриска зона се ослободува од плаќање на данокот на добивка, како и од персоналниот данок на доход (што значи ефективната стапка изнесува 0%) за период од десет години, од почнувањето на вршењето дејност во зоната, под услови и постапка утврдени со Законот за технолошки индустриски развојни зони.

На обврзникот кој е должен согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања да воведе и да користи одобрен систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања, му се намалува пресметаниот данок за набавени до десет фискални апарати во висина на нивната набавна вредност.

Поедноставен даночен режим за трговски друштва

Трговските друштва класифицирани како мали и микро трговци се ослободени од обврската за плаќање на данокот на добивка за остварен вкупен приход до 3.000.000 денари.

Трговските друштва што во текот на годината остваруваат вкупен приход од 3.000.001 до 6.000.000 денари, им се овозможува избор на режимот/моделот на оданочување, така што тие ќе имаат можност да плаќаат данок на вкупен приход во висина од 1%, наместо данок на добивка по стапка од 10%, како што предвидува постојното законско решение.

Трговските друштва одбраниот модел на оданочување нема да можат да го менуваат во наредните три години, вклучувајќи ја и годината за која се плаќа данок на вкупен приход, доколку во наредните три години остваруваат вкупен приход од 3.000.001 денари до 6.000.000 денари на годишно ниво.

Одбегнување на двојното оданочување

Освен ако поинаку не е регулирано со меѓународните договори за одбегнување на двојно оданочување, домашно правно лице, домашно физичко лице – регистрирано за вршење дејност; и странско правно лице или физичко лице – нерезидент со постојана деловна единица во Република Македонија должни се при исплатата на приходот на странско правно лице да го задржат и да го уплатат данокот на соодветната уплатна сметка истовремено со исплатата на приходот.

Во законот предвидени се унилатерални мерки со кои на обврзникот – резидент на РМ кој на добивката остварена во странство платил данок во друга држава, му се намалува пресметаниот данок во земјата за износот на данокот на добивка платен во странство, но најмногу до износот што би се добил со примена на стапката од Законот за данок на добивка. Република Македонија има склучено договори за одбегнување на двојното оданочување со триесетина земји.



ПЕРСОНАЛЕН ДАНОК НА ДОХОД

Даночни обврзници за персонален данок на доход

Персоналниот данок на доход е данок што го плаќаат даночните обврзници – физички лица, на севкупниот приход што го остваруваат од разни извори, односно на сите приходи што ги остваруваат од разни извори, односно на сите приходи што ги остваруваат во земјата и во странство во текот на една календарска година. Даночен обврзник-резидент се смета физичко лице кое на територијата на Република Македонија има постојано место на живеење и престојувалиште или доколку престојува непрекинато или со прекини 183 дена или повеќе во рамките на 12-месечен период.

Даночна основа за пресметување нa персонален данок на доход

Даночна основа претставува позитивната разлика од бруто-приходот што се добива како збир на износите на одделените видови приходи што ги остварил обврзникот во годината за којашто се утврдува данокот и одбитоците што ги дозволува Законот за персонален данок на доход, како што се следните:

  • придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и вработување;

  • придонеси за доброволно пензиско и инвалидско осигурување платени од обврзникот;

  • личното ослободување што за 2016 година изнесува 7.357 денари месечно или 88.284 денари годишно; и

  • други трошоци што му се признаваат на обврзникот што ги има направено при остварување на доходот.

Основа за пресметување на персоналниот данок на доход на приходите од камата претставува износот на пресметаната камата, по стапка од 10%. Каматите по јавни заеми, каматите на обврзници издадени од Република Македонија и единиците на локалната самоуправа и каматите на штедни влогови, тековни сметки и депозити по видување, не се предмет на оданочување.

Капитални добивки се приходите што ги остварува даночниот обврзник како позитивна разлика помеѓу продажната и куповната цена на хартиите од вредност, учеството во капиталот и недвижниот имот. Основа за оданочување е 70% од остварената капитална добивка, што аконтативно се оданочува по стапка од 10%. Капиталните загуби остварени од продажба на хартии од вредност можат да се пребиваат со остварените капитални добивки, а доколку и по извршеното пребивање се јави разлика, таа може да се пренесе на добивките што ќе се остварат во наредните три години. Капитална добивка не се плаќа на средства остварени од продажба на недвижен имот што обврзникот го продава по три години од денот кога го стекнал.

Дивидендите аконтативно се оданочуваат со данок по одбивка по стапка од 10% на бруто-дивидендите, односно приходите од учество во добивката распределени на обврзникот.

Добивки од игри на среќа претставува доходот остварен од добивки од игри на среќа и други наградни игри. Данок не се плаќа на остварената добивка доколку таа не надминува износ од 10.000 денари, а во спротивно данокот се пресметува врз целиот износ на добивката, по стапка од 10% и платениот данок претставува конечно расчистена даночна обврска.

За сите оние приходи што ги остваруваат физичките лица, а не се опфатени со Законот за персонален данок на доход, даночната основа се утврдува со одбивање на 35% нормирани трошоци од бруто-приходот, а пресметаниот и наплатениот данок по одбивка се смета за конечно расчистена даночна обврска.

Освен приходите за кои аконтативно платениот данок се смета за конечно расчистена даночна обврска, сите други видови приходи се дел од годишниот доход на обврзникот, што на крајот на годината збирно се оданочува според годишната даночна стапка, при што износите на платените аконтации и користените олеснувања се одбитни ставки.

Даночна стапка за Данокот на доход

Данокот на доход се плаќа по стапка од 10%.



АКЦИЗИ

Акцизите се плаќаат за следните производи: минерални масла; алкохол и алкохолни пијалаци; тутунски добра и патнички автомобили. За да се увезуваат/извезуваат добра што подлежат на акцизни обврски потребна е акцизна дозвола издадена од Управата за јавни приходи во согласност со Министерството за финансии. Акцизите се регулирани со Закон за акцизи. Постојат посебни случаи кога има олеснувања кон обврската за акцизи.