ВРАБОТУВАЊЕ НА РАБОТНИЦИ ВО ФИРМАТА
Законска основа
Работните односи и вработувањето во Република Македонија се регулирани согласно Законот за работни односи (пречистен текст, Службен весник, бр. 158/2010); Закон за вработување и работа на странци (Службен весник, бр. 70/07); Закон за безбедност и здравје при работа (Службен весник, бр. 92/07); Закон за заштита на лични податоци (Службен весник, бр. 7/05 и 103/08); колективните договори и други правни акти.
Со законската регулатива се регулира спроведување на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавачот, а се однесуваат на заклучок; измена и престанок на договорите за вработување; работни часови; отсуства и празници; работна дисциплина; надоместок на штета; посебна заштита за некои категории на вработени итн. Една од главните цели на македонското законодавство за вработување е да се создаде минимум ниво на заштита за вработените.
Видови на работни ангажмани
Договорите за вработување мораат да бидат склучени во писмена форма. Работодавачот е должен писмено да ја извести Агенцијата за вработување за потпишување на секој договор за вработување, истиот ден од денот на потпишување и за престанок на договорот за вработување, во рок од осум дена од денот на престанокот на мандатот.
Договорите за ангажирање работници можат да се склучени за определен период на време (за задачи што се однесуваат на одреден временски период и имаат фиксен рок) или, пак, на неопределено време (за задачи без однапред дефинирано време за извршување). Најчест и општо прифатен тип на договор за вработување во Република Македонија е договорот со неопределен рок со што се овозможува подобра заштита на правата на вработените и нивните интереси. Договорот за вработување на неопределено време не може да се трансформира во договор на определено време без претходна писмена согласност на работникот. Согласно законската регулатива се овозможува вработување за сезонска работа, пробна работа итн.
Пријавување на вработените
По завршувањето на регистрацијата на фирмата и пред почнување на активностите сите работници ангажирани од нејзина страна мораат да бидат регистрирани во Агенцијата за вработување на Република Македонија.
Времетраење на пријавувањето на вработените
Процедурата на пријавување може да се заврши за еден ден.
Минимален број на пријавени лица
Управителот мора да биде пријавен како вработен (минимум законска обврска) и во зависност од потребите сите ангажирани лица мораат да бидат регистрирани како вработени.
Минимални обврски на работодавецот кон вработените
Работодавецот мора да обезбеди бруто-плата на вработениот, што се состои од:
-
Нето-плата (минимален износ утврден на месечна основа од страна на Заводот за статистика во согласност со регистрираната дејност);
-
Персонален данок од плата 3,16%;
-
Придонес за здравствено осигурување 7,3% и за пензиско осигурување во висина од 18% од платата;
-
Некои други мали надоместоци (придонес за вработување 1,2%, дополнително професионален придонес од 0,5%).
Сите придонеси заедно изнесуваат околу 27% од бруто-платата.
Висина на просечна плата на национално ниво
Просечна исплатена месечна нето-плата по вработен во октомври 2013 година изнесувала 21.247 денари.
РЕГИСТРИРАЊЕ НА ИНДИВИДУАЛНИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ
Земјоделска дејност може да врши физичко лице чијшто обем на работа не ја надминува земјоделската дејност од помал обем (дејност од помал обем претставува вршење на земјоделска дејност лично од страна нa земјоделецот и најмногу десет вработени, вклучувајќи ги и членовите на неговото семејство, како и најмногу пет сезонски работници).
Индивидуалниот земјоделец треба да биде запишан во регистарот на индивидуални земјоделци во подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Доколку индивидуалниот земјоделец ја надминува земјоделската дејност од помал обем должен е да се регистрира како трговец-поединец или како трговско друштво. Регистрацијата на трговец-поединец и трговско друштво се врши во трговскиот регистар при Централниот регистар на РМ – подрачните канцеларии.
ВРАБОТУВАЊЕ НА СТРАНСКИ ДРЖАВЈАНИ
Вработување на странски државјани е регулирано согласно Законот за вработување и работа на странци. Странец може да биде вработен во македонска фирма врз основа на претходно добиена дозвола за престој и издадена работна дозвола од страна на Агенцијата за вработување на РМ на претходно доставено барање поднесено од работодавачот или странецот.
Странец може да се вработи или самовработи во РМ ако поседува:
-
дозвола за работа; и
-
има регулиран престој во државата.
Видовите дозволи за работа и постапката за нивно добивање се регулираат со Законот за вработување и работа на странци (Службен весник, бр. 70/07).
Постојат три вида работни дозволи:
-
Лична работна дозвола со која странецот има слободен пристап на пазарот на трудот (вработување, самовработување) независно од работодавачот;
-
Дозвола за вработување (со овој вид дозвола странецот може да биде вработен само кај работодавачот кој го поднел барањето за неговата работна дозвола); и
-
Дозвола за работа што се издава за конкретно утврдена цел.
Влезот, напуштањето и престојот на странците се регулира со Законот за странци (Службен весник, бр. 35/06) според кој странецот може да добие:
-
престој до три месеци;
-
привремен престој; и
-
постојан престој.
Странец кој основа фирма во РМ може да добие привремен престој, а по истекот на пет години и исполнување на други правни услови може да добие дозвола за постојан престој.