ОПШТИ УСЛОВИ ЗА ПРЕКУГРАНИЧНА ТРГОВИЈА

Регионалната трговија на Република Македонија со земјите во регионот се регулира преку билатерални или мултилатерални договори за трговија. Трговијата со членките на ЕУ е регулирана преку Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА) помеѓу ЕУ и Република Македонија (Службен весник, бр. 28/2001).

Потпишани се билатерални договори за заштита на инвестициите со околу 30 држави, од кои 13 се со членките на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Поединечни договори за слободна трговија се потпишани со Турција и Украина, со земјите од ЕФТА, со што се овозможува беcцарински пристап на Македонија до пазарите од 650 милиони потрошувачи. Во 2006 година Македонија стана членка на Централноевропскиот договор за слободна трговија, ЦЕФТА (Службен весник, бр. 59/2006) со кој се регулира трговијата со членките.



ВИСИНА НА ОПШТИТЕ ЦАРИНСКИ ТАРИФИ

Општите царински тарифи во Република Македонија се дадени во царинскиот тарифник според принципот третман на најповластена нација, т.е. нормална трговија (Службен весник на РМ, бр. 86/2004). Царинските тарифи се објавуваат на годишно ниво и во согласност со Светската царинска организација (СЦО). Билатералните и мултилатералните договори овозможуваат подобри трговски услови, како што овозможуваат договорите за слободна трговија ЦЕФТА и ДСА.



ПРОЦЕДУРА ЗА ДОБИВАЊЕ ДОЗВОЛА ЗА УВОЗ И КАТЕГОРИИ НА ПРОИЗВОДИ

Постои процедура за добивање на посебни дозволи за увоз и извоз на одредени производи. Општите категории на производи за кои е потребна дозвола за увоз/извоз се производи што имаат цел:

  • заштита на здравјето на луѓето, животните и растенијата;

  • заштита на околината;

  • добра за кои е потребно да исполнуваат одредени метеоролошки и други услови;

  • добра (готови производи и производи што не се користени) за чијшто увоз потребни се документи за потврдување проверка и друга техничка документација;

  • увоз на стоки што бараат дозвола од НБРМ;

  • увоз на одредени метали, валути и друго;

  • увоз на армиска/воена опрема.

За сите од горенаведените категории постои: одреден орган кој е одговорен, документи што се потребни, како и конкретна регулатива.



ЗАБРАНИ ЗА УВОЗ И КАТЕГОРИИ НА ПРОИЗВОДИ

Не постојат забрани за увоз сè додека увозникот поседува дозвола за увоз за производите чијшто увоз се регулира со дозволи за увоз.



ПЛАЌАЊЕ НА ЦАРИНСКИТЕ ДАНОЦИ И ДАВАЧКИ

Кога увезуваме стоки, обврската за плаќање на царински даноци и други царински давачки настанува на денот на увоз на стоките во земјата.

Царинските даноци се плаќаат на терминал и/или во канцелариите на царина. За повеќе детали треба да се контактираат шпедитерските фирми.



ПРОЦЕДУРА ЗА ПОВРАТОК НА ДАНОКОТ ЗА ЦАРИНА

Кога стоките се увезуваат за облагородување, а се наменети за извоз во трети земји, фирмата што ја увезува стоката потребно е да обезбеди привремена финансиска гаранција во вредност на минимум вредност на царината ист како во случај стока да е наменета за продажба во земјата. Оваа гаранција може да биде платена при секој увоз или годишна гаранција што не е под 10.000 евра.



ВРЕМЕТРАЕЊЕ НА ЦАРИНСКАТА ПРОЦЕДУРА

Должината на процедурата зависи од видот на стоката што се увезува и е различна за различни стоки во зависност на тарифните броеви. Должината на процедурата зависи од тоа дали увозникот ги има сите документи и дали тие се адекватно пополнети или да приложи банкарска гаранција во висина на давачките (царина и ДДВ).



ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ЦАРИНСКАТА ПРОЦЕДУРА

Во корист на увозникот/извозникот е да се ангажира шпедиција за побрзо извршување на постапката. Шпедитерите имаат најадекватно знаење за законите и регулативите, како и документацијата за стоките. Сите информации за потребните стоки и за потребните документи и формулари можат да се најдат во Царинската управа. За повеќе детали посетете ја страницата на Царинска управа, Министерството за економија, Министерството за финансии и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија (Invest Macedonia), Стопанска комора на Македонија и Сојузот на стопански комори.



ИЗВОРИ НА ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ

Повеќе детали за царинската процедура, потребните документи, формуларите, како и времетраењето на царинската процедура на царинските терминали може да се најде на интернет-страницата на Царинска управа на Република Македонија, како и на страницата на Едношалтерскиот систем за дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки и тарифни квоти – EXIM.