ЈУГОИСТОЧЕН РЕГИОН
ГЕОГРАФСКИ КАРАКЕТРИСТИКИ НА РЕГИОНОТ
РЕЛЈЕФ И КЛИМА
Поголем дел, односно 46% од обработливите површини во југоисточниот регион, припаѓаат на рамничарскиот релјефен дел, што се наоѓаат од 250 до 300 м.н.в. и се од првостепено значење за земјоделството во регионот. Тоа се површините покрај речното корито на реките Вардар, Струмица, Тркања и Крива Река. Другите 52% од површините припаѓаат на падини, а 2% на ридскиот релјефен дел. Надморската височина се движи од 64 до 2.157 м.н.в. (највисок врв е Зелен Брег на Кожуф Планина).
Специфичната географска и топографска положба на jугоисточниот регион ја карактеризираат две климатски зони. Субмедитеранска, со поголемо или помало вкрстосување со источноконтинентална, чијашто испреплетеност на регионот му даваат посебен белег – долги топли лета со високо средно-дневни температури и намалено годишно количество врнежи, намалени зимски температури и појава на ветрови од сите правци. Струмичкиот микро-регион се одликува со долг период на сончеви денови и со висок светлосен интензитет што позитивно влијае на фруктификацијата. Има околу 230 сончеви денови годишно, додека сончевиот сјај трае просечно 2.377 часа годишно. Магла, во просек, има најмногу 20 дена. Микро-регионот Радовиш и Конче се карактеризира со умерено-континентална клима. Поради изразената височинска разлика (400-707 м.н.в.), одделни климатски елементи варираат помеѓу изменета медитеранска клима во полето и планинска клима во планините. Гевгелискиот микро-регион се карактеризира со медитеранска и континентална клима, што во текот на целата година условува топли денови. Овој микро-регион е најсончев крај во земјата со преку 240 сончеви денови во годината.
ХИДРОГРАФСКИ КАРАКТЕРИСТИКИ
Сливното подрачје на реката Струмица ги опфаќа реките Струмица, Циронска и Лебница до бугарската граница. Зафаќа површина од 1,649 км2 или 6,4% од територијата на земјата. Главни притоки на реката Струмица се Водоча, Турија, Радовишка Река и Подарешка Река. Вкупното годишно количество на вода во ова сливно подрачје е околу 132 милиони м3.
Дојранското Езеро е најмалото природно езеро во Република Македонија, што припаѓа на сливното подрачје на реката Вардар и е заедничко со Република Грција. Езерото е изолиран екосистем со мошне специфична флора и фауна.
Од површинските води, главен водотек е реката Луда Мара, која не се одликува со поголеми и постојани протеци. На реката е изградена акумулацијата „Паљурци“, чијашто намена е наводнување на обработливите површини. Акумулацијата е со корисен волумен од 2,8 х 106 м3. На реката Луда Мара во општината Дојран изградена е уште една акумулација „Чинарли“ со корисен волумен од 0,25 х 106 м3.
ФЛОРА И ФАУНА
Богатството и хетерогеноста на видовите на екосистемите се основни обележја на биолошката разновидност во југоисточниот регион. Ваквата состојба е резултат на специфичната географска положба, климатските, педолошките, геоморфолошките и другите карактеристики, како и на промените што се случувале во изминатите геолошки периоди на оваа територија.
ШУМИ
Шумските екосистеми во струмичкиот микро-регион се простираат по територијата на планините Беласица и Огражден, каде што претежно доминираат листопадните шуми претежно со: даб, црн и бел габер, костен и бука. Зимзелените шуми се поретки и се наоѓаат претежно на повисоките делови од планините, каде што доминираат: бор, ела и смрча. Мешаните шуми се наоѓаат на помали површини и поретко се сретнуваат.
Во микро-регионот Радовиш и Конче, најдоминантни се дабовата, буковата и јасеновата шума. Во општина Конче, шумските комплекси зафаќаат околу 9.429 ха, додека 2.313 ха се пасишта. Во општината Радовиш, шумските комплекси зафаќаат околу 21.000 ха. Поголеми шумски комплекси се наоѓаат околу Стара Река и Оравичка Река, каде што се застапени дабова, букова и четинарска шума. Освен дрвната маса, од шумата се искористуваат и други (второстепени) шумски производи, како што се: дабовиот лишај, кантарионот, ајдучката трева, печурката вргањ и слично.
РАСПОЛОЖЛИВИ ПРИРОДНИ РЕСУРСИ
Микро-регионот Радовиш и Конче се карактеризира со наоѓалиштата на минерални неметални суровини, како што се декоративните камења што се користат за градба, како што се кварцот и глината. Од минералните метални суровини, во општината Радовиш се среќаваат: железо и цинкова руда, бакар, злато, сребро, хром, ураниум, а во општината Конче се среќаваат: варовник, мермер и бакар. Во струмичкиот микро-регион, рудникот за експлоатација на фелдспат „Хамзали“, е од натриски карактер и е единствен во Република Македонија и на Балканот. Рудникот за експлоатација на CaCO3, „Mемешли“, е наоѓалиште што во основа претставува мермеризиран варовник и е едно од ретките во Република Македонија. Испитувања се вршат на планината Огражден во непосредна близина на населеното место Иловица, каде што постојат индикации за потенцијални наоѓалишта на руда (бакар и злато).
КОНЦЕСИИ
Со Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство (Службен весник на РМ, бр. 6/12) се уредуваат условите, начинот и постапката за доделување концесии. Концесијата може да биде во поглед на изградба, вршење на јавни услуги и употреба на добра од општ интерес за Република Македонија.
Законот за концесии ги регулира општите услови за доделување концесии. Постојат посебни правила, утврдени во Законот за минерални суровини (Службен весник на РМ, бр. 132/13), со кои се регулираат условите за доделување концесии за експлоатација на минерални суровини и во Законот за води (Службен весник на РМ, бр. 87/08), со кои се регулираат условите за доделување концесии за вода во езера и водотеци.
Министерството за економија има развиено систем за „е-Концесии“ со кој се овозможува постапките за доделување концесии за детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини да се водат електронски во сите нејзини фази по донесување Одлука од страна на Владата на Република Македонија за објавување на јавен повик: Електронско подигнување на тендерска документација, електронска подготовка и доставување на потребна документација, како и учество во електронското наддавање на сите вклучени субјекти. Субјектите што учествуваат во постапката добиваат известувања преку автоматски и независен систем на достава на електронска пошта.