ЈУГОИСТОЧЕН РЕГИОН

ТУРИЗАМ

 

Според бројот на легла, југоисточниот регион со 6.088 легла се наоѓа на трето место по jугозападниот и пелагонискиот регион. Во 2014 година во jугоисточниот регион се регистрирани 74.071 домашни туристи (23,8%), односно 50.636 странски туристи (11,9%). Југоисточниот регион со вкупно 401.065 ноќевања учествува со 18,2% во вкупниот број ноќевања во Република Македонија и се наоѓа на трето место по jугозападниот и скопскиот регион.

Табела 9. Туризам

 

РМ

ЈИП

регион

РМ

ЈИП

регион

РМ

ЈИП

регион

 

2012

2013

2014

Број на соби

26.877

2.298

26.887

2.346

27.422

2.374

Број на легла

70.287

6.088

70.297

6.298

71.225

6.277

Вкупно туристи

663.633

106.978

701.794

109.982

735.65

124.707

Домашни туристи

312.274

58.761

302.114

59.977

310.336

74.071

Странски туристи

351.359

48.217

399.68

50.005

425.314

50.636

Вкупно ноќевања

2.151.692

305.163

2.157.175

327.279

2.195.883

401.065

Домашни

1.339.946

219.05

1.275.800

231.87

1.273.370

304.148

Странски

811.746

86.113

881.375

95.409

922.513

96.917

Извор: Државен завод за статистика, регионите во Република Македонија, 2015.

ЕЗЕРСКИ ТУРИЗАМ

Југоисточниот регион е богат со водни ресурси. Има природни и вештачки езера, водопади, како и природни извори што овозможуваат одлични услови за развој на спортско-рекреативниот и риболовниот туризам.

Дојранското Езеро е едно од најубавите природни ресурси во Република Македонија. Екосистемот на Дојранското Езеро е дом на повеќе од 80 видови птици и повеќето од нив имаат статус на загрозени видови. Вештачкото езеро „Мантово“, што се наоѓа во општината Конче, го прави регионот атрактивен за риболовен туризам. Вештачките езера „Турија“ и „Водоча“ во општината Струмица, и езерото „Паљурци“ во општината Богданци го привлекуваат вниманието на голем број посетители и ентузијасти за риболовен и рекреативен туризам.

БАЊСКИ И РУРАЛЕН ТУРИЗАМ

Југоисточниот регион е богат со термоминерален хидропотенцијал, особено во однос на геотермалната енергија, што овозможува одлични можности за релаксација и здравствено закрепнување. Во струмичкиот микро-регион, на околу 12 км југоисточно од градот Струмица, поврзано со асфалтен пат, под планината Беласица се наоѓа селото Банско, а во негова непосредна близина и термоминералните извори на бања Банско и остатоци од римска терма. Римската терма претставува термоминерално лекувалиште од античко време и еден од ретките зачувани римски споменици од ваков вид во Европа. На површина од 1.000 м2 се откриени десет простории, чиишто ѕидови се зачувани во височина од 2 до 6,7 метри. Термата имала простории за соблекување, сауна, базени со топла и студена вода. Ги користела термоминералните води од изворот Парило, 50 м јужно од бањата. Веројатно потекнува од третиот век, од времето на римскиот император Каракала, кој бил познат по подигањето и обновувањето терми низ империјата.

Бања Банско се наоѓа на 250 м.н.в., има изменета континентална клима и претставува најзначаен локалитет во регионот во однос на бањскиот туризам. Од вкупно петте термоминерални извори, само еден, и тоа најголемиот, е стручно каптиран. Тој се слива во главната бања наречена „турско купатило“, а другите четири слободно се излеваат без посебна каптажа. Температурата на водата во главниот извор, што го снабдува „турското купатило“, е на околу 71°C и не се менува во текот на годината, што докажува дека водата потекнува од голема длабочина, без атмосферски влијанија. Бањските води се сметаат за лековити за најразлични заболувања, пред сè ревматични.

Во гевгелискиот микро-регион, на 5 км северозападно од Гевгелија, на надморска височина од само 59 метри се наоѓаат Негорски Бањи. Таа е најниската бања во нашата земја. Бањата има два извора – Врела Бања со температура од 40°С и Студена Бања со температура на водата од 38°С. Водата во својот состав содржи калциум, магнезиум, рубидиум, цезиум, радон и други минерали. Податоци за благотворното дејство на минералните води од Негорските Бањи постојат уште од далечната 1864 година. За разлика од повеќето бањи во Македонија што потекнуваат од римскиот период, се смета дека оваа бања прв почнал да ја експлоатира Шукри-Паша, кој овде прв изградил два базена за капење. Научните докази за лековитоста на водата датираат од 1950 година, кога е формирано бањското лекувалиште.

Во состав на Негорски Бањи во модерно опремени простории работи центар за сите видови терапија од областа на физикалната медицина и рехабилитација. Сместувачките капацитети во бањскиот комплекс располагаат со вкупно 336 легла, во кои се наоѓаат и два покриени и неколку базени под отворено небо.

Сместени во подножјето на планината Кожуф, во својата околина Негорските Бањи располагаат и со 36 ха густа јасенова шума што формира природен парк.

Со чистата животна средина и водните богатства, регионот го привлекува вниманието на посетителите, а ова особено се однесува на прекрасните Смоларски и Колешински водопади во општината Ново Село. Смоларскиот водопад се наоѓа во долниот тек на Смоларска Река, десна притока на реката Струма, на надморска висина од 600 м, во реонот на селото Смолари. Вкупната височина на вертикалниот отсек на Смоларскиот водопад изнесува 39,5 метри. На дното од водопадот е формиран џиновски лонец, чијашто должина во правец на течењето на речната вода изнесува 5 м, широчината му е 11 м, а длабочината се движи од 0,5 до 0,7 м. Колешинскиот водопад е лоциран во долниот тек на реката Баба на надморска височина од 500 м. Со височина од 15 м, се вбројува во највисоките водопади во Македонија, со широчина на падот од околу 6 м. Тој е тектонски водопад, создаден во гранитни камења. Спроти Колешинскиот водопад, на оддалеченост од околу 100 м, се наоѓаат уште неколку помали водопади распоредени во низа, високи од два до четири метри, што припаѓаат на неговиот централен слив.

ПЛАНИНСКИ И ЛОВЕН ТУРИЗАМ

Југоисточниот регион има изобилство од оригинални природни убавини што претставуваат основен потенцијал за развој на туризмот. Планинските региони на планините Плачковица, Огражден и Кожуф нудат извонредни можности за развој на зимскиот, ловниот, спортскиот и рекреативен туризам. На планината Плачковица можат да се најдат многу ендемски видови растенија, како и медицински и зачински растенија. Големите површини покриени со шуми, разновидноста од флора и фауна, различните видови дивеч и птици привлекуваат голем број љубители на ловот и сафари-туризмот. Во струмичкото ловостопанско подрачје, поточно реонот Радовиш, се наоѓаат ловиштата: „Смиљанци“, „Прналија“ и „Подареш“.

На територијата на општината Богданци има ловишта богати со дивеч како дива свиња и зајаци, а исто така и птици: еребица, фазан, гулаби и препелици, кои привлекуваат многу љубители на ловот од цела Европа. Секоја година во општината Богданци се одржува Меѓународен гран-при турнир во стрелање на глинени гулаби.

Планината Кожуф се наоѓа на границата меѓу Македонија и Грција, а врвот Зеленбрег е висок близу 2.200 метри. Чистиот воздух, сонцето и природните убавини се она што најмногу ги плени посетителите на Кожуф. На планината Кожуф се наоѓа и најновиот ски-центар во Македонија, и тоа на само 210 км од Скопје и 130 км од Солун, опфаќајќи површина од 2.000 ха. Центарот е најсовремено опремен и располага со одлични услови за скијање. Моментално располага со два ски-лифта со капацитет од 3.000 скијачи/час, еден шестосед, ресторан, бачило, 16 апартмани и 16 км скијачки патеки. Овој центар е единствен во земјата што располага со опрема за вештачки снег. Добро подготвените и пространи скијачки терени, местоположбата и природните ресурси со кои располага планината Кожуф претставуваат потенцијал за развој на овој ски-центар како нова атрактивна зимска туристичка дестинација во Македонија.

Освен во зимскиот период, Кожуф е примамлив и во другите периоди од годината. Планината Кожуф нуди одлични услови за историски туризам, планински велосипедизам, јавање коњи, параглајдерство, пешачење и лов, а браната на реката Точница е предвидена за риболов и кајак.

КУЛТУРЕН ТУРИЗАМ

Геолошките и географските, климатските и природните карактеристики на југоисточниот регион во Република Македонија овозможиле постоење на различни цивилизации и култури низ вековите, почнувајќи од праисторискиот период, преку античкиот период на Македонија, Римското Царство, Византија, сè до средновековната христијанска култура.

Во југоисточниот регион постојат многубројни познати историски локалитети и објекти што треба да се посетат. Во општината Валандово тоа се: археолошкиот локалитет Исар во селото Марвинци, потоа „Идомена“ – подземен споменик на културата, што потекнува од пред римскиот период, некаде од крајот на 4 век или почетокот на 5 век п.н.е., и Стакина чешма од римскиот период (3 и 4 век од н.е.). Во општината Василево се наоѓа праисториска населба од доцниот неолит во археолошкиот локалитет Страната, во близина на селото Ангелци, како и црквата „Света Петка“ во селото Требичино, што потекнува од 1875 година и претставува културен споменик со посебни историски и уметнички вредности. Археолошкиот локалитет Вардарски рид во општината Гевгелија е повеќеслоен и датира почнувајќи од бронзеното време, па сè до воспоставувањето на римската доминација во регионот. Многубројните пронајдоци, материјални добра, градби и предмети зборуваат за развојот на населбата во Вардарската Долина, што веројатно била именувана како Гортинија. Археолошките пронајдоци од локалитетот Вардарски Рид денес се чуваат во музеите во Гевгелија и во Скопје. Манастирот „Свети Стефан“ во општината Конче потекнува од 1366 година. Иконите и иконостасот во манастирот се направени од познатиот зограф Димитар Андонов Папрадишки. Во општината Ново Село може да се посети археолошкиот локалитет „Црвено Поле“ во близина на селото Барбарево, кој содржи населба од римскиот и доцниот класичен период со архитектонски и сакрални остатоци што даваат слика за животот што се одвивал во периодот од првиот до шестиот век од н.е. Во селото Мокрино се наоѓа „Ќерамидарка“, некропола од 11 век со околу 20 гробови со уникатен накит. Во Радовиш може да се посети црквата „Светa Троица“, која е осветена во 2003 година. Црквата собира 600 верници и претставува еден од најубавите, најсовремените и најбогатите православни храмови на Балканот и пошироко. На 7 км од Струмица се наоѓа селото Вељуса, каде што монахот Мануил подигнал манастир во 1078 година и го посветил на Богородица. Манастирската црква „Света Богородица Милостива (Елеуса)“ до денешно време ја зачувала оригиналната архитектоника. Живописувањето на црквата е изведено во три временски периоди. Во олтарот, поткуполниот простор во наосот и ѕидовите, конхите и капелата тоа се одвивало во 1085 година, тремот датира од 1164 година, а наосот од 19 век.

Комплексот цркви „Свети Леонтиј“ се наоѓа во селото Водоча, на 4 км од Струмица. На локалитетот се зачувани три цркви (источна, западна и средна), со три фази на живописување во ентериерите, архитектонски остатоци, придружни објекти и манастирски комплекс, трпезарија, стопански објекти, две бањи и повеќеслојна христијанска некропола од 7 до 9 век. Насликани во периодот од 1018 и 1037 година, фреските од Водоча се вбројуваат меѓу ремек-делата на средновековната уметност во византиското сликарство воопшто.

Познатиот локалитет Цареви Кули, што се наоѓа над Струмица, со своите дебели бедеми, претставува споменик за падот на средновековната македонска држава на Цар Самуил во 1018 година. Во најново време е откриена археолошка ризница што потекнува од праисториско време, па сè до средниот век. Според некои мислења, тоа би можеле да бидат остатоци од античкиот град Астраион, кој во писмените документи првпат се споменува во 183 година п.н.е. и е претходник на ранохристијанскиот Тивериопол и на денешна Струмица. Сепак, сите досегашни наоди, заедно со откриена предисториска населба, недвосмислено укажуваат дека на овој локалитет опстојувале разни цивилизации во период од околу 7.000 години.